1 Corinthians 6
1 Смее ли некој од вас, кога има тужба против друг, да се суди пред неправедни, а не пред светиите?
2 Не знаете ли дека светиите ќе го судат светот? Ако, пак, вие го судите светот, не сте ли достојни да судите за помали работи?
3 Не знаете ли дека ангели ќе судиме? А колку повеќе за работите од овој свет?
4 А кога имате тужби за работи од овој свет, за судии земете ги од црквата оние, кои се унизени!
5 За ваш срам велам: зар меѓу вас нема ниеден мудар, кој може да пресуди меѓу браќата свои?
6 Туку брат со братот се суди, и тоа пред неверници!
7 Многу срамно е веќе тоа и за вас дека имате тужби помеѓу себе. Зошто порадо не трпите неправда? Зошто порадо не ја претрпите штетата?
8 Но вие сами ги навредувате и оштетувате, и тоа браќата свои.
9 Или не знаете дека неправедниците нема да го наследат царството Божјо? Не лажете се: ни блудниците, ни идолопоклониците, ни прељубодејците, ниту ракоблудците, ни мажеложниците,
10 ниту крадците, ни користољупците, ни пијаниците, ниту хулниците, ни грабачите нема да го наследат царството Божјо.
11 А такви беа и некои од вас; туку се измивте, се осветивте, се оправдавте во името на нашиот Господ Исус Христос преку Духот на нашиот Бог.
12 Сѐ ми е позволено, но не е сѐ полезно; сѐ ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене.
13 Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе го уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господа, и Господ – за телото.
14 А Бог и Господа Го воскресна, и нас ќе нѐ воскресне со силата Своја.
15 Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови? Ќе ги земам ли членовите Христови и да ги направам членови на блудница? Тоа никако!
16 Или, пак, не знаете, дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: »Обата ќе бидат едно тело«.
17 А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него.
18 Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело.
19 Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси?
20 Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.